|
К О Д Е К С на филмскиот фестивал АСТЕРФЕСТ 1. „Астерфест“ е фестивал на филмски автори и претставува активност што ја организираат Тивериополска Филмска Алијанса - Институт за краток и документарен филм и филмската продукција Астер фест. Манифестацијата е иницирана, основана и промовирана од режисерот Горан Тренчовски во 2005 год., а поддржана е од група домашни и странски интелектуалци и филмски работници.Досегашни помагатели биле Собранието на Струмица, Министерство за култура и Филмскиот фонд на РМ. Во тековната фаза, фестивалскиот концепт функционира во соработка со НУ Кинотека на Македонија, НУ Антон Панов, НУ Завод и Музеј Струмица, ЛУБ Благој Јанков Мучето и други јавни, приватни и индивидуални субјекти од Македонија. Во зависност од партиципацијата во реализацијата, добредојдени се и други партнерства со поединци и институции, како и со субјекти и фестивали од странство. Фестивалот се одржува секоја година во Струмица, со скратена репризна програма во Скопје и други места претежно во Источна и Југоисточна Македонија, во пограничните реони, но и со пригодна презентација во странство. Фестивалот е уникатен и веќе препознатлив по својата физиономија. 2. Фестивалот Астерфест има основна преокупација да го популаризира и афирмира професионалното филмско творештвото на авторите по потекло од Југоисточна Европа и да врши приближување на филмските вредности кон публиката, како и приближување на струмичките реткости кон фестивалските гости. По завршувањето на Фестивалот секој автор (потписник, т.е. режисер) на филмот добива Благодарница за учество.3. Кодексот е од јавен карактер и се однесува не само на членовите на мрежата на ТФА и Астерфест, пријавени или поканети да соработуваат врз база на понудениот концепт, туку и на сите кои сакаат да помагаат, даваат предлози, сугестии, идеи за збогатување на програмата, за полесна и поефикасна реализација. Членовите-соработници делуваат на неодредено време, според потребите кои ги наметнува фестивалската проблематика. 4. Покрај јадрото на мрежата на ТФА и Астерфест, по потреба делуваат уметнички советници во одбран состав (уметнички совет) кој може да се менува и дополнува, а според потребите и можностите и: координатор на програма, лице одговорно за техничките перформански, амбиентален супервизор, менаџер на реализација и др., чиишто севкупни задачи и обврски се во склад со насоките на концепцијата на уметничкиот (фестивалскиот) директор.Програмата може да ја претставуваат куратори. По потреба може да се ангажираат и членови од кругот на пријатели на фестивалот Астерфест и ТФА, како креативни, медиумски и технички соработници, лица за пласман и маркетинг, надворешни соработници, стручни консултанти, реализаторски тим, лица во улога на тотал дизајнери, уредници на билтен или други гласила, изработувачи на интернет и рекламни изданија, како и лица со функциите: односи со јавноста, конференсие, покровители, спонзори, донатори и друго. 5. Основните пропозиции за учество на Фестивалот АстерФест се следни:-Авторот да потекнува од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Кипар, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Црна Гора, Турција, Унгарија, Хрватска и Косово (а по потреба и од друга земја); -Земјата на продукција или копродукција може да биде која било земја од светот; -Во некомпетитивните програми, може да партиципираат и други држави; -Во официјалната компетитивна програма да бидат селектирани кратки и документарни филмови произведени во последните две години, а во посебни исклучоци и во првите три месеци од рецентната година на одржување; -Оригиналниот носач може да биде секаков, а форматот за проекција да биде аналоген или дигитален видео носач, но во посебни случаи и запис на друга техника; -Правилата за конкурирање, т.е. пропозициските одредби ќе бидат детално изложени во посебен текст (вклучително и овој кодекс), ставен на веб сајт и електронски дистрибуиран. 6. Програмата се моделира по пат на ентри-форм, со директна понуда од авторите или продуцентите или со специјална покана од советодавниот одбор. На апликантите може да им следува и котизација за пријавениот филм, кога така ќе одлучи организаторот. Грубата селекција по држави ја обавува уметничкиот директор. Финалната селекција ја одобруваат уметничките советници по информативното гледање или консултирање за понудените дела, т.е. програма.Формуларот за пријавување ќе биде достапен на веб сајтот и електронски дистрибуиран. 7. Натпреварувачката програмска категорија (Астердокс) се однесува на документарната продукција. Покрај натпреварувачката, може да има и паралелна програма во која се прикажуваат класични и понови филмови од странската и домашната продукција, без оглед на жанрот, траењето и технологијата на изработка. Таквите програми се: Една жена-еден филм (документарни остварувања на женски автори), Мувиленд (циклус на филмови од една национална кинематографија, која секоја година би била различна), Балканска фикција (играни филмови од регионот), Мери-Дионс (документарни автори од други меридијани), Посвети, Македонски филмски блок и други програмски категории. Деновите на одржување на Фестивалот се најмалку три, а најмногу пет, кон крајот на мај. Делата се прикажуваат во отворен или во затворен простор.8. За натпреварувачката програма се доделува една главна награда Златна потковица за најдобриот филмски автор, како и Сребрена и Бронзена Потковица. Покрај тоа, се доделува и Специјално признание Стар Златен Проектор. По избор на критиката се доделува Признание за најуспешно филмско дело од програмата Мувиленд. Исто така, се доделува и Признание за најдобар краток филм во светски рамки. Во согласност со квалитетот на програмата, може да се востановат и други награди.9. За наградите одлучува жири од најмалку 3 членови, составено од компетентни имиња, при што е пожелно мнозинството да бидат странски државјани. Одлуката треба да биде поткрепена со писмено образложение, верифицирана едногласно или со мнозинство гласови, а потпишана од претседателот на жирито.10. Уметничкиот совет, на предлог на фестивалскиот директор или на заеднички предлог, одлучува за доделување на Наградата Астер на личност-режисер за посебни достигнувања од областа на филмот во меѓународни рамки.11. Во оф-термините, придружните форми на манифестирање може да бидат и средби со авторите, промоции на филмска литература, поставка на изложби, мултимедијални форми, посета на историско-музејски и археолошки знаменитости на Струмица и околината, одржување на воркшопови, симпозиуми, трибини, тренинзи, филмски портрети на доајени и автори, соработка со медиумите, новитети, подготовка и презентација на печатени и електронски изданија и слично.12. Овој документ има своја употребна намена по заверката во Патентцентар-консалтинг. По барање, може да биде споделен само во кругот на членовите на ТФА, членовите на уметничкиот совет на Астерфест и лицата заинтересирани за соработка со нив. Основна цел кон која треба да тежи овој кодекс е взаемно почитување на поканетите соработници, морална и логистичка поддршка на носителите на концептот, добронамерни средби и разговори поврзани со проектот - се што треба да резултира во поуспешено и поквалитено фестивалско издание.13. Од август 2007 година, фестивалот Астерфест - Интернационален фестивал на авторите од Југоисточна Европа функционира како дел од Тивериополската Филмска Алијанса, која воедно и партнерски ја организира манифестацијата со Астер фест формиран 2005, кој пак како субјект продолжува да ја развива и филмската продукција.14. Кодексот е своевиден правилник за организирање на Астерфест. Неговото имплементирање е во склад со концептот за реализација на фестивалскиот директор и со Програмата за дејствување и Статутот на ТФА. Составни делови на овој кодекс може да бидат и други документи или акти кои дополнително ќе донесе организаторот.15. Овој кодекс се однесува на идејата, концептот и организирањето на Астерфест. Содржината на кодексот не смее неовластено да се копира, преобјавува и злоупотребува. Интегралното или фрагментарното содржинско користење може да има само афирмативна цел.
|






