Покровители на фестивалот
 
 

досегашни лауреати  на АСТЕР

 

Последниот, петти ден од Меѓународниот фестивал за краток и документарен филм "Астерфест" - 2010, помина во релаксирана атмосфера, како своевидна рекапитулација на претходната фестивалска програма. Во 9 часот изутрината беше организирана посета, за гостите од другите земји, на Дојран. Откривањето на водите и светлините на некогашниот Полин, како важна точка во медитеранскиот комплекс, како една светлина помеѓу другите светлини, бездруго, барем кај некои од филмските творци, ќе има свое продуктивно влијание во творечка смисла. Покрај брегот на езерото посетителите се запознаа со историјатот на Дојран, со преданијата поврзани за неговиот настанок. Беше посетена и црквата "Св. Илија".
Фестивалската програма, со прикажување на два наградени филмови, продолжи во 19 часот. Најпрвин беше прикажан наградениот филм во категоријата "Глобална фикција" (кратки играни филмови од светски автори), филмот "Сакано дете" на Даниел Виртберг од Шведска. Веднаш потоа беше прикажан и добитникот на главната награда, "Златна потковица", документарецот "Провинција 35х45" на Евгениј Соломин од Русија - црно-бел филм во кој посттранзициската стварност во руската провинција е "фатена" од необична и крајно сугестивна перспектива.

Шестиот "Астерфест" значеше средба, како на крстопат, на различни енергии и сензибилитети. Италијанскиот режисер Лодовичети и сценаристот Капрара се под длабок впечаток на новиот простор со кој се среќаваат првпат, онака седнати на скалите на Центарот за култура, со поглед кој се извишува над паркираните багери на плоштадот, каде се преуредува плоштадот; поглед кој ги истражува оние рабови каде астраионското небо се спојува со линијата на планината Огражден. Низ ходниците на фоајето, но и низ улиците на Струмица, веројатно уште долго, не како физичко присуство туку како чиста енергија, ќе се движи високата фигура, малку поднаведната, на режисерот Боро Драшковиќ, чиј поглед, како на дете, е љубопитен за сите манифестации на животот, со онаа неповторлива, осветлувачка насмевка. Но и фигурата на Митко Маџунков, кој, онака одеднаш, ќе го крене погледот од масата и ќе каже некој детаљ кој за него значи едно друго време, една друга младост. Додека фестивалскиот автобус, при посетата на локалитетите, ќе има свој непоткуплив и строг координатор - Томе Ментинов - кој не дозволува никакви измени на планот, дотогаш писателот Васе Манчев, поттикнат од искажувањето на Илинденка Петрушева, ќе го раскажува во автобусот, сега како усмен раскажувач, расказот "Добриот Хуан" на Мигел Унамоно.
Би "Астерфест" по шести пат. Како сложување на приказните земски и неземски, македонски и светски, како влез во Кралството на подвижните слики.


      2005  2006  2007  2008

2009